June 22, 2026

Утре во Скопје започнува меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“

Утре во во Скопје свечено ќе биде отворена дводневната меѓународна конференција „Дијалог за единство и мир 2026“, на која учествуваат поранешни шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија, со цел да разменат идеи и искуства за актуелните глобални предизвици и можностите за унапредување на меѓународната соработка, дијалогот и мирот.

На конференцијата ќе се одржат тематски панел дискусии посветени на предизвиците за меѓународниот мир, безбедноста и владеењето на правото, економскиот развој на Кина, регионалната поврзаност и соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, иднината на цивилизацискиот дијалог и културната размена, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, креативноста и човечкиот потенцијал, како и улогата на младите во свет на промени и неизвесност.

На свеченото отворање ќе се обратат поранешниот претседател на Р.Македонија д-р Ѓорге Иванов – чијшто кабинет е организатор на настанот, Љупчо Димовски – заменик-претседател на Владата задолжен за политички систем, Џијанг Сјаојан – амбасадор на Народна Република Кина, како и претставник на Кинеската асоцијација за меѓународно разбирање (CAFIU).

На конференцијата ќе учествуваат поранешниот претседател на Генералното собрание на ООН и екс-министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ, шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и министер за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, екс-министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Миро Ковач и Ерик Ли – претседател на Центарот за Кина и глобализација, како и бројни професори, дипломати, истражувачи и претставници на академската, дипломатската и деловната заедница од Европа и Азија.

Настанот е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери на претседателот Иванов (ISLAA).

Read Previous

Охридското Езеро во фокусот на регионалната соработка – Струга, Охрид и Поградец со проекти за туризам и нови поврзувања

Read Next

Нова директна авиолинија: Охрид се поврза со уште една европска престолнина