СТРУГА, 5 јуни 2026 – Во хотелот „Дрим“ во Струга денеска ќе се одржи 23. Конференција на КОСАП – Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција и прашања на земјите учеснички во процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа.
Домаќин на настанот е Собранието на Република Северна Македонија, а конференцијата ќе ја отвори и со неа ќе претседава потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски. Поздравно обраќање ќе има претседателот на Собранието, Африм Гаши.
На конференцијата ќе учествуваат делегации од парламентарните комисии за европска интеграција и европски прашања од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Како гости се најавени и претставници на Големото национално собрание на Турција и Парламентот на Грузија.
Настанот традиционално се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (RCC) и Германското друштво за интернационална соработка (GIZ), во име на Германското федерално министерство за економска соработка и развој.
Во рамки на конференцијата ќе се одржат три тематски сесии посветени на регионалната соработка, инфраструктурната и енергетската поврзаност, како и на процесот на европска интеграција на земјите од Југоисточна Европа.
Првата сесија ќе биде посветена на улогата на Берлинскиот процес во зајакнувањето на регионалната соработка на Западен Балкан, а свои обраќања ќе имаат амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас и претседателката на Комисијата за европски прашања на Хрватскиот сабор, Јелена Милош.
На втората сесија ќе се разговара за унапредување на регионалната поврзаност преку модерна транспортна инфраструктура, енергетска безбедност и зелена транзиција. Говорници ќе бидат заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ.
Третата сесија ќе се фокусира на процесите на европска интеграција на земјите од Југоисточна Европа во актуелниот геополитички контекст. На оваа тема ќе говорат заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски и експертката за Европската Унија и членка на Советот за безбедност, Малинка Ристевска-Јорданова.
По завршувањето на работниот дел, учесниците ќе усвојат заедничка изјава, по што ќе следи официјално затворање на конференцијата. Изјави за медиумите се предвидени во 15 часот.

