April 24, 2026

11 студенти на Филозофскиот факултет добиле решенија за прекин на студиите – Јаневска најави нов скандал во образованието

Филозофскиот факултет при УКИМ неделава се најде во фокусот на јавноста по откриените неправилности од страна на просветниот инспекторат, а министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска најави дека ова е само почеток на процесот за воведување ред во високото образование.

Според извештајот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), од 2019 година на овој факултет противзаконски се запишувале студенти на магистерски и докторски студии. Проблемот лежи во тоа што кандидатите доаѓале со завршени тригодишни стручни студии, кои според законот не дозволуваат директен премин на повисок циклус академски студии.

Седуммина магистранти и четворица докторанти веќе добиле решенија за прекин на студиите. Осум лица веќе успеале да магистрираат, а Министерството допрва ќе одлучува дали нивните дипломи ќе бидат поништени.

„Многу брзо ќе слушнеме уште една, многу покрупна неправилност која ќе ја изненади јавноста“, предупреди Јаневска.

Министерката нагласи дека во понеделник ќе бидат донесени конечните решенија по извештајот на ДПИ. Таа изрази жалење за студентите, но порача дека одговорноста е поделена.

„Министерството и Инспекторатот немаат избор, мора да постапуваат по закон. Студентите требало и самите да проверат каде се запишуваат. Дали е виновна администрацијата или раководството, ќе утврдат органите“, изјави Јаневска при посетата на Стоматолошкиот факултет.

Read Previous

Еден работник загина, тројца се повредени по затрупување со земја на градилиште во Скопје