Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) е оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“ по завршувањето на процесот на оценување спроведен согласно со стандардите на НАТО, соопшти Армијата на Северна Македонија.
Оценувањето беше реализирано денес во кампот за обука „Пепелиште“, по спроведените активности на националната теренска вежба „БЛЕСОК 26“ и по завршувањето на последниот настан од главната листа на настани и инциденти.
Според официјалното соопштение, оценувачкиот тим и НАТО-мониторите потврдиле дека единицата ги исполнува сите предвидени стандарди за копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО.
Сениор НАТО-мониторот, полковник Христос Стаматиу од НАТО-корпусот за брзо распоредување – Грција (NRDC-GR), истакна дека процесот на оценување бил спроведен на многу професионален и компетентен начин, додавајќи дека членовите на оценувачкиот тим биле целосно запознаени со методите и процедурите за евалуација согласно со соодветната документација на НАТО.
Директорот на оценувачкиот тим, потполковник Горан Кимов, изјави дека е чест и гордост што ЛПБГ го завршила оценувањето со највисоки резултати, нагласувајќи дека припадниците на единицата покажале одлични резултати и ги потврдиле сите критериуми и стандарди на оценување.
На соопштувањето на оценката присуствуваше и командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, кој им се заблагодари на сите учесници на вежбата и на НАТО-мониторите за покажаниот професионализам при извршувањето на задачите.
Од Армијата наведуваат дека со успешно реализираното оценување, ЛПБГ ја потврдила својата висока борбена подготвеност и интероперабилност со сојузниците, што претставува значаен придонес во зајакнувањето на капацитетите на Армијата и НАТО.

