Во рамки на вежбата „БЛЕСОК 26“, на армискиот полигон „Криволак“, тактичките активности на единиците на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) продолжуваат со зголемен интензитет, при што на терен се реализираат сложени сценарија кои бараат брза адаптација и координирана реакција од страна на учесниците на вежбата, соопшти Армијата на Северна Македонија.
Според соопштението, Лесната пешадиска баталјонска група спроведува активности во услови на различни симулирани тактички дејствија, со што се оценува нивната способност за навремено реагирање, координација и донесување одлуки во динамична средина.
„Во рамки на вежбовните активности се реализираат сценарија кои опфаќаат реакција при ненадејни закани и контакт со противник, спроведување на АБХО набљудување и извидување, постапување во услови на нарушување на безбедноста на воени објекти и обид на присилно влегување во истите, како и давање прва помош на повредени лица“, се додава од Армијата.
Се истакнува дека овие активности се реализираат во функција на остварување на целите на обуката и унапредување на борбената подготвеност на единицата.
Вежбата започна на 19 април и ќе трае до 27 април, а, според Армијата, претставува значаен процес за оценување на борбената подготвеност на ЛПБГ согласно со стандардите на оценување на копнените команди и единиците на Здружената команда за операции на НАТО.

