Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата, истакна дека според извештајот на ММФ, Македонија е меѓу трите држави во Европа по презедени мерки против ценовните шокови.
„Се наоѓаме во период на изразена глобална неизвесност. Ценовните шокови на енергенсите не се резултат на внатрешни политики, туку се последица на геополитичките случувања, особено кризите на Блискиот Исток и нарушувањата на светските пазари. Во вакви услови, одговорноста на секоја влада е навремено да реагира и да ги амортизира последиците врз граѓаните и економијата.
Она што е важно да се истакне е дека нашите политики не се изолирани, туку се во целосна линија со светските трендови.
Според последните анализи на европско ниво, според ММФ, во Европа сме меѓу првите три држави кои промениле најмногу работи и примениле највеќе мерки за справување со ценовните шокови“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека реакцијата со ДДВ-то и акцизите придонеле да нема драстични зголемувања на цените на нафтата и бензините.
„Кога има ценовно корегирање на светските берзи и ние како влада исто така реагираме со ДДВ-то и акцизата. Такви бие и вчерашните одлуки на владата.
И согласно нашите пресметки очекуваме Регулаторна комисија за енергетика утре да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар. Истовремено, останува во сила онаа мерка којашто ја договоривме веќе со ОКТА, а тоа е а имаме попуст до крајот на Април месец на бензините за 2 денари по литар, а за дизел горивото да биде 3 денари по литар. Со тоа повторно можеме да заклучиме дека сме држава којашто има најниски цени на горивата во регионот. На следниот слајд можете да забележите кои се цените на горивата во регионот. Во Македонија тие се движат од 1,27 до 1, 31 евро цент за литар. Во соседна Грција е 2,06, во Албанија е 2,07, во Србија 1,63, Косово 1,42, Бугарија 1,47, Црна Гора 1,55, Босна 1 ипол, Хрватска се движи од 1,66 до 1,88 и Словенија 1,62. Убедливо најевтини цени. И она коешто го слушам изминативе денови, а исто имав можност да слушам накратко едно интервју дадено од претходниот претседател на владата, господинот Ковачевски дека и тогаш кога била кризата во 2022 сме имале најниски цени во регионот што е лага, не е вистина, не се такви цените тогаш во 2022 година и ќе ве потсетам тогаш инфлацијата беше со двоцифрен број проценти на месечно ниво, сега е 4,9 поради тоа што минатата година во истиот тој месец имавме мерки, така што основата со којашто се споредува е прилично ниска и тие мерки траеа и овој месец бидејќи минатата година Велигден беше на 21 Април. Се сеќавате имавме рамазанска и велигденска кошница, така што очекувам веќе од месец мај работите да доаѓаат на нивото коешто ги очекуваме.
Тоа е нешто што претставува успех бидејќи покрај влезната цена на горивото којашто зависи од цените на берзите, односно цената на плац, за нас репер е Италија, зависи и од внатрешните политики и мерките коишто ги презема“, рече Мицкоски.


