Нашата земја не може да го следи примерот на Полска, која веднаш по изборот на Петар Маѓар испрати писма за екстрадиција на двајца поранешни функционери пребегани во Унгарија, како и поранешниот премиер Никола Груевски. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека пред барањето за екстрадиција, на Груевски треба да му се тргне азилот за да не добиеме уште еден негативен одговор од Унгарците.
„Полските поранешни членови на Владата уште немаат азил. Во нашиот случај премиерот има азил. За да се испрати барање за екстрадиција треба прво процедура да се тргне азилот. Тоа е прво оти сега ако испратиме, негативен одговор ќе добиеме. Можеме и утре да го испратиме, нема проблем, но дајте малку суштински да ги гледаме работите, а опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде“, рече денес премиерот Мицкоски по поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Страшо Пинџур“ во населено место Даме Груев, Општина Ѓорче Петров.
Опозициската СДСМ веќе пет дена, по изборите во Унгарија, бара земјава да поднесе ново барање за екстрадиција на избеганиот поранешен премиер, а Министерството за правда најави дека ќе достави барање до надлежните судски органи и обвинителства за потребните списи за сите предмети поврзани со Никола Груевски и откако ќе ги добие потребните документи ќе постапи согласно позитивните законски прописи.


