April 6, 2026

Скопје ќе има градски воз – првата линија ќе биде готова до септември, а другите две до крајот на 2027

Од први септември се очекува да биде пуштена првата линија на Градскиот воз од Зелениково до Транспортен центар Скопје долга 25 километри. Ова го најави министерот за транспорт и врски Александар Николовски, кој рече дека претходно ќе бидат извршени тестирања. За другите две линии ќе биде распишен еден тендер за да се скрати рокот за комплетно завршување на овој проект за помалку од една година. Тој истакна дека динамиката на работите е добра и трите линии ќе бидат функционални на крајот на 2027 година.

„Првата линија која што оди од Зелениково преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и нова железничка станица е 65% што е согласно на динамичкиот план и очекуваме до јуни месец да истата биде завршена, потоа следува еден период на тестирање и нашата цел е и таа цел ќе ја постигнеме на први септември со почетокот на школската година да почне да функционира Градскиот воз.“, изјави Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие „Македонски Железници“ Синиша Ивановски рече дека според тоа како се одвиваат работите очекува се да заврши во предвидените рокови, а дека во моментов ги заменуваат старите прагови.

„Се работи на замена на дотраени дрвени прагови кои што датираат од некаде 1959 година, од 63-та или од 69-та година кои што беа во очајна и незавидна состојба. Исто така ги заменуваме во овој момент на оваа делница со бетонски прагови кои што беа залихи во претпријатието од пред една или две декади, решивме да ги искористиме на оваа делница. Ќе постигнеме возење до проектирана брзина некаде и до 80 и 90 километри на час за разлика од сега која што брзина е 20 до 30 на час.“, рече Ивановски.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски истакна дека со проектите Градски воз, потоа БРТ и новите 100 автобуси, значително ќе се подобри градскиот превоз во Скопје.

„Јас искрено преамбициозен сметав дека е овој проект на почетокот, но следствено, како ссе одвиваат настаните на терен, а јас внимателно ја следам оваа динамика, можам да кажам дека импресивна е динамиката и пристапот со кој што се работи цел овој процес“, вели Ѓорѓиевски.

Покрај првата делница од Зелениково до Транспортниот центар ќе бидат реализирани и линиите од Волково до центарот на Скопје во должина од 18 километри а другата е од Миладиновци преку Илинден и Маџари до Скопје. Покрај ова ќе се работи и модернизација на патните премини за поголема безбедност на сообраќајот. Според најавите Градскиот воз ќе сообраќа секој час, а возниот ред ќе биде усогласен со автобускиот превоз на ЈСП.

Read Previous

Земјотрес со јачина од 5,2 степени ја погоди источна Турција

Read Next

Се разгледуваат нови антикризни мерки, во игра е замрзнувањето на маржите