March 28, 2026

35% од населението е со прекумерна тежина – Охрид доби Центар за дебелина

Зголемената телесна тежина претставува сериозен здравствен проблем и има загрижувачки тренд на пораст во светот и кај нас, кој посебно ги засега децата и адолесцентите. Статистичките податоци покажуваат дека во нашата држава преваленцата на обезноста изнесува 30–35 проценти. Во таа насока, е посебно значајно функционирањето на центрите за третман на дебелина на Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „8 Септември“, истакна министерот Азир Алиу во обраќањето на стручниот симпозиум, во организација на научното здружение за обезност ОБЕМ.

Додаде дека неделава во охридската болница е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион.

– Станува збор за сериозна хронична болест поврзана со над 200 коморбидитети, вклучително кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и други состојби и затоа е посебно значаен мултисекторскиот одговор и подигнување на јавната свест за овој глобален предизвик, појасни министерот. 

На симпозиумот беше потенцирана потребата од подигнување на јавната свест и превентивно делување, како и за значењето на мултисекторската соработка меѓу институциите и невладиниот сектор.

Од Министерството укажуваат дека продолжуваат со мерки за поддршка, вклучително преку активностите од Програмата за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер, со посебен фокус на едукацијата за третман и контрола на дијабетесот, имајќи предвид дека обезноста е тесно поврзана со дијабетес тип 2.

Read Previous

Снежна бура го погоди северозападниот дел на Босна и Херцеговина