Силното невреме што ги погоди Загреб и поширокото подрачје, синоќа остави многубројни последици, а драматични глетки имаше и утринава додека градските служби ги отстрануваа штетите и го санираа подрачјето.
Утрово граѓаните добија предупредувања преку системот ХР-АЛАРМ, а поради опасните услови во сообраќајот и ризикот по безбедноста, наставата е прекината во сите основни и средни училишта во поширокиот дел на градот.
Според достапните информации, ненадејната промена на времето била проследена со силни налети на ветер што на моменти достигнувале јачина на бура.
Уште во текот на вечерта биле регистрирани голем број инциденти, при што ветерот откорнал дрвја низ повеќе делови на градот, а некои сообраќајници биле целосно блокирани.
Проблеми со електрична енергија биле пријавени и во неколку населби низ Загреб, а граѓаните пријавиле штети на згради, вклучително на покриви и фасади.
Во некои случаи дрвјата паѓале врз паркирани автомобили, предизвикувајќи материјална штета.
Градските власти соопштија дека во текот на ноќта биле реализирани повеќе од 100 интервенции, при што пожарникарите и комуналните служби работеле на расчистување на паднати дрвја, гранки и други пречки од јавните површини и сообраќајниците.
Иако утрото временските услови се посмирени, дел од улиците и понатаму делумно се затворени или тешко проодни.
Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време може да продолжи и во наредниот период, со можност за нови врнежи и силни ветрови.
Невреме не го зафати само Загреб, туку и други делови од Хрватска, каде што се регистрирани слични проблеми, вклучително и снежни врнежи во планинските региони и отежнат сообраќај.
Надлежните служби апелираат до граѓаните на зголемена внимателност, особено при движење во близина на дрвја, градилишта и оштетени објекти, а тие продолжуваат со работа на терен.
