Собранието денеска на 94. седница го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. „За“ гласаа 66 пратеници, „против“ гласаа двајца, а осум беа воздржани.
Предлогот на Владата за избор на Савески за државен јавен обвинител пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„На Македонија очајно ѝ е потребна правда и владеење на правото. Ѝ треба јасно отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем“, рече Николоски и додаде дека Савески е докажан професионалец без ниту една дамка во неговата кариера.
Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше предложен од Владата на 10 март. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.


