Врховен суд на Македонија го одби барањето за вонредно преиспитување на пресудата за Васил Јованов, осуден за сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова. Со тоа, правосилната казна затвор од 13 години останува во сила.
Одлуката била донесена на седница на советот одржана на 11 март, со што судот го одбил барањето на осудениот поднесено преку неговиот бранител против пресудите на Основен кривичен суд Скопје и Апелациски суд Скопје.
Јованов првично беше осуден на 12 години затвор, но Апелацискиот суд подоцна ја зголеми казната на 13 години.
Несреќата се случи на 29 јануари 2025 година на булеварот „Партизански одреди“, кога Јованов, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја удрил 22-годишната Кулакова на пешачки премин, при што таа починала на самото место.


