Уставните измени остануваат клучни за продолжување на преговорите на Македонија со ЕУ, но одговорноста за застојот не лежи само во Скопје, туку и во Брисел, изјави Томас Вајц, пред Комитетот за надворешни работи при презентацијата на нацрт-годишниот извештај за напредокот на земјата.
„Во однос на уставните измени – многу е јасно дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се дел од нашето европско законодавство и, следствено, дел од преговарачката рамка и заклучоците на Советот. Затоа постои потреба ова барање да се исполни со внесување дополнителни малцинства, односно заедници кои се присутни во земјата, во Уставот. Тоа е и во духот на она што би го нарекол успешна приказна на земјата, каде што инклузијата и споделувањето на власта меѓу различни етнички групи – мнозинство и малцинства – се клучна компонента.“, рече Вајц.
И другите европратеници го поддржаа европскиот пат на земјава, но инсистираа на уставните измени. Најгласен беше Антонио Тангер Кореа од Португалија, кој оцени дека граѓаните на Македонија не само што се уморни од чекањето за членство, туку и се дистанцираат од ЕУ.
„Македонија дефинитивно припаѓа во ЕУ, но реформскиот момент бара политичка одлучност околу уставните измени.“, изјави европратеникот од Словенија, Матеј Тонин.
„Македонија го заврши скринингот на 7 декември 2023 година. Тие прават сè што можат. Го реформираа Уставот и ги изменија законите. Но, во однос на малцинствата и внатрешната политика, потребен е поинаков пристап – да ги поддржиме повеќе, а не само да бараме. ЕУ треба да биде стабилизирачки, а не дестабилизирачки фактор, дозволувајќи различни малцинства да ги користат преговорите со ЕУ и кревката позиција на земјата. Треба да го задржиме регионот на патот на соработка и стабилност, бидејќи тоа е во интерес на ЕУ.“, изјави Тангер Кореа.
Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев побара Македонија да ги направи уставните измени, оценувајќи дека нивното неизвршување покажува недостиг на политичка волја.
„Партиите на власт во Северна Македонија продолжуваат со политика на барање надворешен непријател за да ги прикријат внатрешните политички проблеми. Особено загрижувачки се јавните изјави на премиерот Hristijan Mickoski, кои често ја засилуваат конфронтирачката реторика – и кон опозицијата и критичките медиуми, и кон соседните земји и самата Европска Унија. Според моето лично мислење, местото на Република Северна Македонија е во Европската Унија, но не по секоја цена. Недостигот од уставни измени, договорени како дел од преговарачката рамка, покажува недостиг на политичка волја и стратешка визија што би ја одвело земјата кон членство.“, вели Валчев.
Томас Вајц оцени дека владеењето на правото останува предизвик со ограничен напредок, но нагласи дека оваа година е прогласена за „година на реформите“, со повик напорите да се засилат до јуни за да не се ризикува губење на околу 47 милиони евра буџетска поддршка. Тој ја истакна и итната потреба од странски инвестиции, особено во енергетската транзиција и обновливите извори на енергија, посочувајќи дека правната сигурност е клучна за привлекување инвеститори. Во областа на животната средина спомена напредок во управувањето со отпадот, но и сериозни предизвици во третманот на отпадните води.


