Поранешниот британски принц Ендру во четврток беше уапсен под сомнение за злоупотреба на службена должност за време на неговиот мандат како трговски пратеник, додека истрагите на британската полиција за наводите што произлегоа од документите за Џефри Епстин добиваат на интензитет.
Необично за современа Британија, апсењето претставува нов тежок удар за поранешниот член на кралското семејство, токму на денот кога го одбележуваше својот 66. роденден.
Ендру минатата година беше лишен од сите титули, откако беше принуден да се исели од својот поранешен дом по одлука на неговиот брат, кралот Чарлс III.
Во соопштението на полицијата Темз Вали се наведува дека „денеска (19.2) е уапсен маж во шеесеттите години од Норфолк под сомнение за злоупотреба на службена положба“. Во согласност со британската практика, името на осомничениот не беше објавено. Бројни медиуми јавија дека повеќе неозначени возила, за кои се претпоставува дека припаѓаат на полицијата, биле забележани како во раните утрински часови пристигнуваат на имотот Сандрингем во источна Англија, каде што Ендру моментално живее.
Соработка со Епстин
Минатата недела се појавија нови откритија кои укажуваат дека Ендру му испраќал на осудениот американски сексуален престапник Џефри Епстин потенцијално доверливи документи во периодот кога служел како британски трговски пратеник. Во електронска порака од ноември 2010 година, до која имаше увид АФП, Ендру наводно споделил извештаи за Виетнам, Хонг Конг, Шенжен и Сингапур по официјалната посета на Азија.
Поранешниот принц, кој денес е познат како Ендру Маунтбатен-Виндзор, наводно му испратил на Епстин и детали за патувањето, на кое го придружувале деловни соработници на Епстајн, како и информации за потенцијални инвестиции, неколку месеци подоцна.
Ендру беше лишен од своите титули откако една од жртвите на Епстин тврдеше дека била тргувана за да има сексуален однос со него. Тој претходно ги негираше сите обвиненија поврзани со неговите контакти со Епстин.
Кралот Чарлс изрази „загриженост“ за постапките на својот брат и минатата недела даде невообичаено соопштение во кое наведе дека Бакингемската палата е „подготвена да ја поддржи“ полицијата во истрагата. Според официјалните упатства, трговските пратеници се должни да чуваат доверливи информации од чувствителна, комерцијална или политичка природа кои произлегуваат од нивните службени патувања, објави Би-Би-Си.
Ендру служеше како британски трговски пратеник една деценија, од 2001 година, период во кој неговите врски со Епстин постепено доведоа до драматично опаѓање на неговиот јавен углед.
DW


