Расправа за предметот „Пулс“, што се води под К.бр.1872/25 и се однесува на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, закажана за 19 февруари 2026 година, е одложена поради влошена здравствена состојба на еден од обвинетите.
Од Основен кривичен суд Скопје информираат дека обвинетиот Г.М. се наоѓа на болничко лекување во Општата болница во Кочани и, според лекарските проценки, не е во состојба да присуствува на главната расправа.
Во текот на денот, претседателот на судечкиот совет остварил телефонски контакти со лекарите задолжени за лекувањето на обвинетиот, при што било посочено дека неговата здравствена состојба во моментов не дозволува учество во постапката, но се очекува подобрување за да може да го следи судењето во наредниот период.
Со цел економичност на постапката и избегнување дополнителни трошоци, судот за одлагањето ги известил бранителите, полномошниците и законските застапници на оштетените, сведоците, надлежните казнено-поправни установи и полициските станици.
Од судот дополнуваат дека веќе утврдените последователни термини за одржување на расправите остануваат во сила.
TV21


