February 18, 2026

Постигнат е договор – булеварот „Борис Трајковски“ се довршува

default

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска сподели дека бил постигнат договор за конечно довршување на булеварот „Борис Трајковски“.

„Со искрено задоволство ја споделувам веста која со години ја чекаа повеќе од 100.000 жители што секојдневно го користат еден од најклучните сообраќајни правци во Скопје, булеварот „Борис Трајковски“. Денес остварив средба со стопанствениците долж трасата и постигнавме договор за забрзано спроведување на експропријацијата, процес кој во минатото останал недовршен. Со тоа, конечно се отвора патот за реализација на овој долгоочекуван, но премногу пати неисполнет проект“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Тој посочи дека овој булевар бил еден од неговите најзначајни приоритети, покрај, како што рече, останатите капитални инфраструктурни зафати во градот.

„Предолго беше заглавен од моите претходници, претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани“, оценува градоначалникот и порачува дека тоа време завршува.

„Во најскоро време ќе биде објавена јавната набавка, а проекциите се дека изградбата ќе биде комплетирана до крајот на оваа календарска година. Оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото. На нивно место ќе никне современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека граѓаните заслужуваат безбедност, достоинствено движење и модерна инфраструктура.

Тој воедно замоли за трпение додека траат градежните активности, за, како што вели, конечно да имаме достоинствена сообраќајница.

Read Previous

Просечната возраст во Македонија 42,2 години 

Read Next

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители