February 18, 2026

Просечната возраст во Македонија 42,2 години 

Демографските показатели за 2025 година покажуваат дека просечната возраст на населението во Македонија изнесува 42,21 година. Според најновите податоци на Евростат, ова е пониско од просекот на Европската Унија, кој достигнува 44,9 години.

Во споредба со 2015 година, кога средната возраст во земјава изнесувала 37,4 години, забележано е зголемување од речиси пет години. Овој податок укажува на континуиран тренд на стареење на населението во изминатата деценија.

Во регионални рамки, помлада просечна возраст од Македонија има само Црна Гора со 40,4 години. Повисок просек бележат Србија со 45,4 години и Албанија со 44,3 години. Просечната возраст во Грција и Бугарија изнесува по 47,2 години, додека во Хрватска и Словенија е 45,5 години.

На ниво на Европската Унија, најмладо население има Ирска со просек од 39,6 години, а најстаро Италија со 49,1 година. Во ЕУ во целина, средната возраст пораснала за 2,1 година во однос на 2015 година, кога изнесувала 42,8 години. Намалување од 0,4 години е регистрирано само во Германија и Малта.

Најголемо зголемување на средната возраст е забележано во Словачка и Кипар, каде пораснала за четири години. Следува Италија со раст од 3,9 години, додека Грција и Полска бележат зголемување од по 3,8 години. Во Португалија средната возраст е зголемена за 3,7 години.

Податоците потврдуваат дека трендот на стареење е присутен и во земјава и во Европа, со постепено поместување на демографската структура кон повозрасни генерации.




TV21

Read Previous

Муцунски на министерски состанок за Коридорот 8 во Тирана

Read Next

Постигнат е договор – булеварот „Борис Трајковски“ се довршува