February 17, 2026

Косово ја одбележува 18-годишнината од прогласувањето на независноста

Најновата држава во Европа, Косово, одбележува 18 години од прогласувањето независност од Србија во 2008 година, станувајќи суверена држава, со независни институции и со свои државни симболи на Западен Балкан.

Косово досега е признато од повеќе од 120 држави, додека првите признавања беа направени во првите часови по прогласувањето на независноста, од Соединетите Американски Држави (САД), Обединетото Кралство, Турција, Франција, Албанија, Авганистан и Костарика.

– Чекорите до независноста на Косово –

За време на југословенскиот период, Косово беше регион во рамките на Сојузна Република Србија. Иако југословенскиот Устав му даде автономија на Косово во 1974 година, таа беше укината од режимот на Слободан Милошевиќ во 1989 година.

По распадот на Југославија во 1991 година, крвавата војна што прво изби во Хрватска, потоа во Босна и Херцеговина, се прошири и на Косово.

Операцијата на српската Армија во 1998 година, заедно со полициските и паравоените единици, против Ослободителната војска на Косово (ОВК), која бараше независност, заврши во 1999 година, по 78-дневната операција на НАТО. Во војната загинаа околу 13.000 Косовци, од кои над осум илјади Албанци, додека над милион Косовци од различни етнички групи, од кои 800.000 Албанци, ги напуштија своите домови.

И по завршувањето на војната, имаше тензични ситуации меѓу Србија и Косово.

Првата поголема криза по војната се случи во 2004 година. За време на овие настани, наречени „Мартовски немири“, животот го загубија 19 лица, од кои 11 Албанци и 8 Срби, додека стотици други беа повредени.

Во извештајот од 2005 година на Каи Еиде, норвешки дипломат назначен за специјален претставник во Косово од тогашниот генерален секретар на Обединетите нации (ОН), Кофи Анан, беше препорачано да започнат преговорите за конечниот статус на Косово.

Во 2005 година, Анан го назначи Марти Ахтисари за специјален претставник во Косово. Во 2007 година, Ахтисари поднесе извештај до Советот за безбедност на ОН во кој се наведува дека Косово треба да биде независно. Од друга страна, Србија го отфрли ова, препорачувајќи „надгледувана автономија“.

Во согласност со планот на Ахтисари и резолуцијата 1244 на ОН, која предвидуваше формирање меѓународна мисија, на 17 февруари 2008 година, Косово прогласи независност.

Србија ја испрати својата жалба за прогласувањето независност до Меѓународниот суд на правдата (МСП) и во јули 2010 година доби одговор дека независноста на Косово „не е во спротивност со меѓународното право“.

Голем број земји, вклучително и Турција, веднаш ја признаа независноста на Косово. Денес, над 120 земји го признале Косово како независна држава, од кои последна е Израел, кој ја призна независноста на Косово во февруари 2021 година.

– 2025 година, година на два општи и едни локални избори –

2025 година беше година без преседан во политичка и изборна смисла. Во текот на оваа година Централната изборна комисија (ЦИК) во Косово изврши маратонска работа организирајќи три изборни процеси. За првпат од прогласувањето на независноста, на 9 февруари 2025 година се одржаа редовни парламентарни избори, кои, сепак, не резултираа со формирање на институциите потоа.

Со месеци по 9 февруари не беше постигнато формирање на новата влада, преговорите за стабилна коалиција се одолговлекуваа во текот на целата година и Собранието остана блокирано додека земјата беше управувана од Владата со технички мандат на премиерот Албин Курти.

На 12 октомври 2025 година се одржаа локалните избори, кои не успеаја да ги деблокираат политичките прашања и како последица на тоа, претседателката објави дека на 28 декември 2025 година ќе се одржат вонредни парламентарни избори, на кои повторно победи Движењето „Самоопределување“ и во февруари 2026 година беше формирана новата влада.

– Четири нови признавања на независноста на Косово во 2025 година –

Кенија, Судан, Сирија и Бахами станаа едни од најновите држави кои во текот на 2025 година ја признаа независноста на Косово.

Овие признавања претставуваат чекор напред во зајакнувањето на меѓународниот субјективитет на државата Косово и проширувањето на нејзиното дипломатско присуство во регионите каде што претходно имаше ограничен ангажман.

Признавањата од земји со регионална тежина во Африка и на Блискиот Исток беа толкувани како резултат на поактивна дипломатија и како сигнал за нов импулс во напорите за консолидирање на меѓународната позиција на Косово.

– Продолжува застојот во процесот на дијалогот Косово – Србија

Во 2011 година започна процесот на технички разговори меѓу Косово и Србија во Брисел со посредство на Европска Унија (ЕУ), со цел нормализација на односите меѓу двете држави, иако тие конкретно не решија ништо и често беа прекинувани, вклучително и во последните години.

Последен пат кога лидерите на соседните држави се сретнаа во Брисел со посредство на олеснувачите на ЕУ беше на 14 септември 2023 година.

Од 1 февруари 2025 година за претставник на ЕУ за олеснување на процесот на дијалогот Косово – Србија со почетен мандат од 13 месеци беше именуван Петер Соренсен, кој е наследник на Мирослав Лајчак.

Соренсен сè уште не успеа да ги седне на иста маса премиерот Албин Курти и претседателот Александар Вучиќ, но неодамна изјави дека она што не успеале да го направат во текот на 2025 година, ќе го направат во текот на 2026 година.

Од средбата на главните преговарачи на дијалогот Косово – Србија во Брисел, во месец јануари 2026 година, беше постигнат договор да се функционализира заедничката комисија за исчезнатите лица за време на војната во Косово.

Договорот за функционализирање на оваа комисија претставува конкретен чекор меѓу двете страни за справување со едно од најчувствителните прашања од поствоениот период и беше оценет од европските посредници како значајно достигнување во 2026 година во рамките на дијалогот, иако разговорите за нормализација на односите во целина продолжуваат да бидат предизвикувачки.

Read Previous

Турист повреден од снежна лавина на Попова Шапка – пренесен во болница во Скопје

Read Next

Сојузот на синдикатите на Македонија со блокада пред Владата, се најавува генерален штрајк во март