February 16, 2026

Законот за заштита од пушење не се одложува – следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Влада

Министерството за здравство останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.

Во моментот се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.

Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.

Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок.

Министерството останува отворено за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.

TV21

Read Previous

Речиси 12.000 Македонци работеле лани во Хрватска – најмногу работни дозволи издадени во туризмот и угостителството

Read Next

Мобилните царински тимови во 2025та со 271 случај на заплени