Скопјани заслужуваат современа, безбедна и функционална инфраструктура. Тоа всушност е еден од темелите на мојата визија за град кој се развива плански, рамномерно и со јасна стратегија, во кој секоја инвестиција значи подобар квалитет на живот, поголема безбедност и почиста урбана средина, порача денеска од терен градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски кој го најави проектот за изградба на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во Чаир, на делницата од раскрсницата со „Џон Кенеди“ до раскрсницата со булеварот „Босна и Херцеговина“, во должина од 1,4 километри.
– Овој потег претставува значајна сообраќајна артерија што ќе ја подобри поврзаноста и проточноста во овој дел од градот. Проектот предвидува современо и функционално сообраќајно решение со четири коловозни ленти, по две во секоја насока, средишно зеленило за зголемена безбедност и визуелна уреденост, велосипедски патеки во двете насоки, како и нови тротоари со ширина од по 2 метри за сигурно и комфорно движење на пешаците, информираше тој.
Во рамки на проектот е предвидено и заштитно зеленило од двете страни на булеварот, како и проширувања кај автобуските стојалишта, со што се подобрува јавниот превоз и се зголемува безбедноста на патниците.
– Со изградбата на овој булевар создаваме нов урбан простор, помодерен, позелен и поорганизиран. Ја зголемуваме безбедноста, ја подобруваме мобилноста и градиме инфраструктура што ќе им служи на генерации. Од оваа пролет, со подобрувањето на временските услови, Скопје ќе доживее вистинска трансформација. Рамномерниот развој во сите општини, започнува! – порача Ѓорѓиевски.

