Армијата денеска соопшти дека по случајот во кој двајца професионални војници се заразија со шуга во велешката касарна, нема нови припадници на АРМ кои се заразени, објави телевизијата „24“.
Во врска со случајот со двајца професионални војници од велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“ кај кои беше дијагностицирана шуга, Армијата на Република Македонија денеска соопшти дека нема нови заразени војници и дека ситуацијата се следи.
Според информации на ТВ „24“, најмалку десетмина припадници на АРМ биле ставени во изолација, но од Армијата ги отфрлаат овие тврдења како неточни и ги оценуваат како шпекулации.
Некои сведоци од касарната за медиумите наведуваат дека шугата се појавила поради несоодветни хигиенски услови во објектот каде што новите професионални војници пред месец и половина положија свечена заклетва. Армијата, сепак, нагласува дека овие информации не одговараат на реалноста и дека се преземени сите мерки за заштита на војниците, пишува ТВ „24“.
За случајот денеска реагираа и од Независниот синдикат на професионални војници, од каде алармираат дека во касарните условите за живот се ужасни и под секој стандард, а војниците се принудени да живеат во влага и нечистотија.


