January 29, 2026

Ослободени тројцата уапсени за експлозијата во фабриката во грчкиот град Трикала

Сопственикот на фабриката, техничарот за безбедност при работа и дежурниот техничар, кои беа уапсени за експлозијата и пожарот во фабриката за бисквити во грчкиот град Трикала, по исказот пред јавен обвинител, доцна синоќа беа ослободени без никакви ограничувања, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, тројцата уапсени биле ослободени бидејќи истрагата сè уште не е завршена, се наоѓа во прелиминарна фаза и во неа сè уште не се вклучени вештачења од сите страни.

Во експлозијата во понеделникот наутро, животот го загубија пет жени, вработени во фабриката.

Началникот на Националниот координативен центар за управување со кризи при противпожарната служба на Грција Анастасиос Михалопулос вчера соопшти дека од истрагата спроведена од Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ), произлегло дека подземното повеќемесечно истекување на пропан што дошол во контакт со искра предизвикана од електромеханичка опрема во фабриката е причината за експлозијата.

Во рамките на техничката истрага било утврдено дека постојат два надземни резервоари со пропан, со капацитет од 5.000 и 9.000 литри, на оддалеченост од околу 30 метри од местото на експлозијата, а на цевководите од помалиот резервоар имало мраз, што укажува на негова неодамнешна употреба.

– Поврзувањето на резервоарите се вршело преку подземни цевководи, кои минувале под асфалтирана површина и навлегувале во приземниот дел од објектот, снабдувајќи ги печките. По извршени специјализирани проверки со употреба на азот, беше утврдено истекување во земјата, по што беше направен засек и ископ на длабочина од околу 60 сантиметри, каде што беше откриено обемно истекување во земјата. Се проценува дека истекувањето било повеќемесечно, при што уредите за детекција регистрирале исклучително високи концентрации на пропан. Ова значајно истекување на пропан, преку земјата, се придвижило на растојание од околу 25 метри и се задржало во подрумски простор, каде што, во присуство на искра предизвикана од електромеханичка опрема на објекто, довело до експлозија, објасни началникот на Националниот координативен центар за управување со кризи. 

Read Previous

Зголемена опасност од лавини на Шар Планина

Read Next

Град Скопје ќе набави повеќе од 40 возила за Комунална хигиена