January 29, 2026

Зголемена опасност од лавини на Шар Планина

Националниот парк Шар Планина информира дека на територијата на паркот во моментов е присутна висока лавинска опасност, особено во деловите од планината кои се наоѓаат на надморска височина над 1700 метри.

Зголемената лавинска опасност, како што појаснуваат, е резултат на специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ја температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите неколку денови.

„Овие фактори, во комбинација со рељефните карактеристики на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и појава на лавини.

По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк Шар Планина излезе на терен и изврши увид на локацијата каде што е потечена лавина. Претходно, екипа на операторот „Ескимо спорт“ извршила пребарување на лавинскиот терен со употреба на лавински уреди, при што е констатирано дека во лавината нема затрупани лица кои со себе поседуваат лавински уреди, а до овој момент нема пријави за исчезнати лица. За среќа, настанот поминал без човечки жртви.

Паралелно со теренскиот увид, беше спроведена и експертска анализа на стабилноста на снежната покривка од страна на стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам. Согласно извршената проценка, утврден е висок степен на лавинска опасност – степен 4, според европската скала за оценување на лавинскиот ризик (5 – многу висок, 4 – висок, 3 – значителен, 2 – умерен, 1 – низок).

Националниот парк Шар Планина ги предупредува сите посетители да постапуваат со зголемена претпазливост, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, како и да не се движат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, се апелира посетителите навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.

Стручните служби на Националниот парк Шар Планина, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, континуирано ќе ја следат состојбата на терен и навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени поврзани со лавинската опасност.

Потсетуваме дека зимските убавини на Шар Планина претставуваат исклучителна природна атракција, но истовремено бараат високо ниво на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните принципи и правилата за движење во заштитено подрачје. Дополнително, важно е да се нагласи дека лавинската опасност е тешко предвидлива појава, која бара значителна експертиза и внимателна проценка на теренските и временските услови.

Националниот парк Шар Планина апелира до сите посетители личната безбедност да ја стават на прво место и да придонесат кон безбедно, одговорно и одржливо користење на планината.

Read Previous

Пет основни училишта и три детски градинки ќе добијат енергетски ефикасни системи за греење

Read Next

Ослободени тројцата уапсени за експлозијата во фабриката во грчкиот град Трикала