January 29, 2026

Град Скопје ќе набави повеќе од 40 возила за Комунална хигиена

Денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека официјално започна постапката за набавка на повеќе од 40 специјализирани возила за ЈП „Комунална хигиена“, што ќе ја унапреди чистотата и уредноста во градот.

Тендерската постапка ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светска банка, а по завршување на сите правни процедури, ќе започне и испораката на возилата. Покрај тоа, Советот на Град Скопје денес ќе усвои и новата програма за Комунална хигиена, со која градот обезбедува повеќе од десет дополнителни камиони од сопствени средства.

Со тоа, во Скопје ќе пристигнат над 40 нови, современи и специјализирани возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата низ целиот град. Според градоначалникот, ова претставува најголема инвестиција во јавната чистота во последните десет години. Тој нагласува дека за помалку од три месеци, од почетокот на неговиот мандат, набавени се многу повеќе возила отколку во претходните осум години, кога биле набавени само четири.

„Ова не е крај – набавката на нови возила за потребите на претпријатието продолжува во континуитет. Проблемот со отпадот кој со години ги мачеше скопјани заминува во историјата. Градот ќе располага со доволен број современи возила за да ја покрие секоја населба и секоја улица навремено, организирано и достоинствено. Чист град значи здрав град, а здрав град – подобар живот за сите“, рече Ѓорѓиевски.

Тој изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и министерот Александар Николоски за поддршката и грижата за граѓаните, истакнувајќи дека заеднички се создаваат нови страници од убавата историја на градот.

Read Previous

Ослободени тројцата уапсени за експлозијата во фабриката во грчкиот град Трикала