Уставниот суд информира дека поради поголем јавен интерес и новинарски прашања се формирани два предмета по поднесени иницијативи со кои се оспоруваат одредби од Законот за прекршоци, во делот кој се однесува на воспоставување и функционирање на електронскиот систем за надзор во сообраќајот, познат како проектот „Безбеден град – Safe City“.
Првиот предмет – У.бр.25/2026
Подносители: Зиадин Села, Илире Даути и Елми Азири.
Оспорени се одредби од Законот за прекршоци од 23 јануари 2026 година, меѓу кои член 4 став 5, член 5 став 3, член 8 глава 7-а, делови од член 48-а, 48-б, 48-в, 48-г и член 15.
Според наводите на подносителите, спорна е законската обврска сите граѓани да имаат личен телефонски број и електронска адреса за комуникација со органите, како и фактот што не е предвидено почитување на член 7 од Уставот за употребата на јазиците. Дополнително, се истакнува дека системот се спроведува само во Скопје, Тетово и Куманово, што, според подносителите, може да резултира со различен третман на албанското население кое во овие градови е во поголем број.
Вториот предмет – У.бр.26/2026
Подносител: Или Пачуку.
Оспорени се членови 48-б, 48-в и 48-г од Законот за прекршоци.
Подносителот тврди дека системот се применува селективно, само на територијата на Скопје, Куманово и Тетово, и оти тоа создава нерамноправна примена на законот. Тој посочува дека идентични сообраќајни прекршоци во одредени градови се санкционираат автоматски преку електронскиот систем, додека во други градови нема иста контрола, што според него доведува до различен третман на граѓаните. Дополнително, подносителот ја оспорува и „пилот фазата“ на проектот, која е временски нејасна и неограничена.
Уставниот суд ќе продолжи со разгледување на овие иницијативи, со цел да утврди дали спроведувањето на проектот „Безбеден град – Safe City“ е во согласност со Уставот.


