January 27, 2026

Се очекува Скопското Кале да биде жива културна сцена на градот

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека денеска заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, извршиле обиколка и детален увид на локалитетот Скопско Кале, со цел јасно да ја согледаме актуелната состојба и реалните можности за негово понатамошно активирање во рамки на визијата Скопје – Европска престолнина на културата.

Во објавата на Фејсбук, Ѓорѓиевски посочи дека како градоначалник на Град Скопје, имал јасна и недвосмислена цел која подразбира целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување, и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство.

„Низ светот постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси. Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство“, објаснува тој.

Исто така, додаде дека просторот ќе добие нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на Скопје.

„Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија. Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина“, порача градоначалникот.






Skopjeinfo

Read Previous

Трик од 2 секунди: Алиштата ќе ви се исушат двојно побрзо