January 22, 2026

Внимание, „се краде“ нашето внимание

По секојдневното следење вести, пишување и преводи, пишувањето текст што не е поврзан со вести бара повторно собирање на вниманието. А тоа е прилично тешко во дигиталната и ерата на вештачката интелигенција. Понекогаш дури и не ја гледам расеаноста и недостатокот на концентрација како изговор за „мрзеливост“. И покрај сето тоа, кога станува збор за списанието „Ќопру“, во кое започнав да пишувам и да правам интервјуа, не е тешко да оставам се на страна, да ги засукам ракавите, да го соберам вниманието и да го средам умот.

Во овој текст ќе се обидам со вас да ги споделам белешките и преиспитувањата што ги направив врз основа на книгата „Украдено внимание“ од Јохан Хари, која длабински, преку едно истражување, го открива „недостатокот на внимание“ — една од најголемите штети што дигиталната ера му ги нанесува на поединецот — и која силно ме погоди додека ја читав.

Пред да преминеме на книгата, кога ќе го погледнеме речничкото значења на зборот „внимание“, наидуваме на дефинициите: „насочување на целата емоционална и мисловна сила кон една точка, една тема“ и „покажување грижа, придавање важност, гледање со интерес и заштита“. Овие дефиниции покажуваат дека, за што и да размислуваме и каква и да е работата што ја извршуваме, треба да ја правиме со грижа, собирајќи ја нашата емоционална и мисловна сила во една точка. Сите екрани што ги користиме во новата дигитална ера, пак, го проповедаат токму спротивното. Тука и започнува проблемот.

Кога ќе ја погледнеме книгата „Украдено внимание“, таа се истакнува како дело што тврди дека расеаноста во современиот свет не е проблем на индивидуална воља, туку резултат на пошироки структурни фактори — од технолошките компании и нивните бизнис-модели, до образовниот систем и работната култура.

Во своето истражување, авторот ги обединува дизајните на социјалните мрежи, создадени да не држат постојано во состојба на будност преку економијата на вниманието, претерано забрзаните животни ритми, институционалните очекувања што ја попречуваат длабоката концентрација и еколошките стрес-фактори што се обликуваат уште од детството, укажувајќи дека кризата на вниманието е повеќеслоен општествен проблем.

Книгата, потпирајќи се и на научни истражувања и на личните искуства на авторот, тврди дека повторното градење на нашиот капацитет за внимание не е ограничено само на лична дисциплина; напротив, потребни се сеопфатни колективни промени — од технолошки политики до урбано планирање.

Како што укажува и Ибрахим Калин во својата најнова книга за филозофијата на битието: „Современиот хедонизам, сведен на спиралата производство–потрошувачка, за да избега од проблемот на смислата и целта, ни приредува привремени игри, ни дава задоволство, нè забавува, но не го решава проблемот. На крајот од секоја сеанса на задоволство, истата егзистенцијална болка и тага повторно се враќаат.“

Не треба ниту да се препуштиме на задоволството и брзината, ниту целосно да останеме офлајн и надвор од оваа ера. Потребно е да се вратиме кон реалноста, ставајќи ги во центарот двата клучни поима: „свесност“ и „рамнотежа“. Иако не е лесно да се постигне тоа во ова време во кое живееме, каде што еден систем секојдневно истура киселина врз нашето внимание, со ефикасна едукација за медиумска писменост мора да се започне борбата од некаде.

Додека ја читав книгата, реченицата што најмногу ми го привлече вниманието и ме исплаши беше: „Кога нашето внимание ќе се расее додека сме фокусирани на нешто, во просек ни се потребни 23 минути за повторно да се вратиме во истата состојба на фокус.“ Без разлика каква работа извршуваме, со второто, третото, четвртото нарушување на вниманието (вклучувајќи и мал звук од нотификација, или блесокот на екранот на телефонот или паметниот часовник), времето потребно повторно да го постигнеме истиот фокус се зголемува експоненцијално…

Кога го прочитав ова истражување, бев потресен од сознанието дека неможноста да се заврши започната книга, намалувањето на времето за читање, неспособноста за созерцание, оставањето работа на половина, недостатокот на комуникација, неможноста за создавање пријателства и намалувањето на социјалноста, како и многу други појави, се директно поврзани со оваа констатација. Првото што го направив беше да го симнам паметниот часовник од раката (и од тој ден сè уште не го носам). Ги исклучив нотификациите на многу социјални мрежи во важни делови од денот. Дали е доволно? Секако дека не. Но, требаше да се започне од некаде.

Дали навистина ни го крадат вниманието намерните дизајни на технолошките компании, или нашата состојба на доброволно прилагодување кон брзината на современиот живот? Исклучувањето на нотификациите, неносењето паметен часовник или намалувањето на времето пред екран може да биде почеток; но до кој степен овие чекори можат да ги разнишаат глобалните структури што ја одржуваат економијата на вниманието — тоа е дискутабилно. Во овој момент, потребно е да се преиспитаат границите на индивидуалните напори и да се праша од кого и на кој начин ќе дојде волјата неопходна за општествена трансформација.

Во дигиталната ера секојдневно сме изложени на информативен бомбардман од милиони содржини. Колку повеќе информации се пумпаат, толку помалку време им останува на луѓето да се фокусираат на еден единствен дел од тие информации. Во моментов е како да пиеме вода од противпожарно црево.

Во книгата се наведува дека „докажано е зошто постојаната расеаност има ефект исто толку штетен како консумирање алкохол до степен на опијанетост“. Ова јасно ја покажува сериозноста на состојбата. Ако сакате да сработите добра работа, нема друг пат освен внимателно да се фокусирате на една единствена работа во исто време. Бавноста ја храни способноста за внимание, додека брзината ја оштетува. Токму во овој момент се потсетувам на зборовите на Кемал Сајар: „За да сакаме, треба да одвоиме време. За да знаеме, ни е потребно време. Убавината ја забележуваме само ако и посветиме време. Со времето созреваме. Ве молам, движете се бавно.“

Авторот вели дека еден од најважните поими за спречување на расеаноста е „текот“. За да се постигне тек, целокупната мозочна енергија мора да биде насочена кон една задача. За да стигнеме до тек, треба да избереме една единствена цел, да бидеме сигурни дека таа цел ни е значајна и да се обидеме да се турнеме себеси до границите на нашите способности. Најефикасниот излез од расеаноста води преку пронаоѓањето на сопствениот тек. Треба да ги отстраниме елементите што создаваат расеаност и на нивно место да поставиме извори на тек.

Според друго истражување наведено во книгата, „нашето времетраење на спиењето е намалено за 20 проценти во само сто години“. Додека спиеме, нашиот мозок и тело се обновуваат. Секојпат кога ќе запалиме светло (вклучително и светлината од екраните), несвесно примаме „лек“ што го нарушува сонот. Додека спиеме, не трошиме пари, односно не консумираме ништо. Враќањето кон здраво количество сон „создава ефект на земјотрес за економскиот систем“.

Многу од работите што треба да ги направиме се толку очигледни и банални: да забавиме, да работиме една работа во исто време, да спиеме повеќе. На едно ниво, сите знаеме дека ова е исправно, но се однесуваме токму спротивно. Живееме во јазот меѓу знаењето за тоа што треба да се направи и чувството за тоа што навистина можеме да го направиме.

Иако поимите како „тек“, „фокус“ и „забавување“ изгледа дека нудат ефикасни решенија за излез од расеаноста, тие покренуваат и одредени прашања: дали применливоста на овие поими навистина е усогласена со очекувањата на денешниот деловен свет и социјалниот живот? Во ера во која постојаната достапност станала норма, дали долготрајната концентрација на една работа е возможна преку индивидуалната волја или преку редизајнирање на работните услови? Исто така, додека се нагласува дека сонот, спокојството и времето треба да го добијат местото што го заслужуваат, колку може да биде траен индивидуалниот напор без политики и промени во институционалната култура што ќе го поддржат тоа?

Како заклучок, ерозијата на вниманието со која се соочуваме во дигиталната ера не стои пред нас само како резултат на индивидуална слабост, туку како неизбежна последица на еден систематски обликуван начин на живот. Намалувањето на нотификациите, скратувањето на времето пред екран, забавувањето или фокусирањето на една работа секако се важни чекори; но за овие напори да бидат трајни, потребно е и соочување со границите на брзата и потрошувачки ориентирана култура во која живееме. Како што истакнува Хари, заштитата на нашето внимание не е само лична борба; таа неминовно бара колективна промена на менталитетот — од работните услови и технолошките политики, до образованието и урбаниот живот.

Затоа, вистинската задача лежи во развивањето на посвестен, побарачки и поодговорен став — и кон самите себе и кон општеството во кое живееме. Повторното воспоставување на рамнотежата, ослободувањето од диктатот на брзината и повторното градење на вниманието не како луксуз, туку како начин на постоење, се можни само со оваа свест. Малечкоста на индивидуалните чекори не треба да нè турка во очај; зашто секој почеток може да биде највредниот дел од борбата за повторно освојување на нашето внимание.

Read Previous

Грипот во пораст, над 2.000 нови случаи за една недела