January 22, 2026

Грипот во пораст, над 2.000 нови случаи за една недела

Во периодот од 12 до 18 јануари, односно во третата недела од 2026 година, во земјава се пријавени 2.062 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 11,2 отсто помалку во споредба со претходната недела, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во споредба со истата недела од минатата сезона, бројот на заболени е зголемен за 46 проценти, додека во однос на просекот од последните 15 сезони е намален за 6,9 отсто. Инциденцата е над прагот за средна активност, при што најмногу заболени се лица на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца е регистрирана кај децата до четири години.

Најголем број случаи се евидентирани во Скопје, Тетово, Охрид, Битола и Куманово. Многу висока активност на грипот е забележана во Дебар, Охрид, Свети Николе и Кавадарци.

Од почетокот на сезоната 2025/2026 регистрирани се вкупно 8.209 случаи, што е двојно повеќе од лани, како и три смртни случаи поврзани со грип. Заклучно со третата недела, вакцинирани се 79.078 лица, а од ИЈЗ повторно апелираат вакцинацијата да се искористи како најефикасна заштита, особено кај ризичните групи.

TV21

Read Previous

Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика