Албанскиот премиер Еди Рама му прати писмо на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со поканата да ја претставува Албанија во Одборот за мир во Газа.
Во писмото објавено на социјалните мрежи, Рама изразува длабока благодарност за силната посветеност и визионерското водство на Трамп во формирањето на Одборот за мир.
Заблагодарувајќи се за поканата лично упатена до него и до Република Албанија за член основач на Одборот за мир во Газа, Рама истакна: „Нашата посветеност наскоро ќе биде проследена до албанскиот Парламент за одобрување.“
Тој нагласи дека мирот мора активно да се обликува, а не пасивно да се чека или бесконечно да се дискутира на политички форуми, додека низ целиот свет невини животи се губат залудно секоја минута.
„Јасно е дека како нова меѓународна организација, Одборот за мир не е замислен како уште еден форум на декларации, процедури и одложени одговорности, туку како фокусиран и насочен инструмент на глобално лидерство и одговорност“, нагласи тој.
„Кога бесконечно се филтрира низ слоеви на процедури, премногу често мирот доаѓа предоцна. Оваа иницијатива правилно го отелотворува разбирањето дека времето, јасноста на мандатот и личната одговорност на највисоко ниво се самите инструменти на мирот“, додаде тој.
Премиерот Рама во писмото ја изрази својата целосна подготвеност да придонесе во овој важен напор и целосно да стане дел од заедничката посветеност што има цел да ја претвори визијата во акција.
„Република Албанија долго време е цврст сојузник на Соединетите Американски Држави, врзана со споделени вредности, меѓусебно почитување и споделена посветеност на слободата, демократијата и меѓународната безбедност“, нагласи тој.
Откако го нагласи трајниот дух на партнерство, Рама повтори дека Република Албанија цврсто стои покрај Соединетите Американски Држави во сите напори за промовирање на мирот, безбедноста и конструктивниот глобален ангажман.


