January 17, 2026

Систем „безбеден град“ – се бараат казни и за фрлање на отпад од автомобил, МВР вели нема технички услови

Еколошкото движење кое цели да ги инспирира и мотивира луѓето да се активираат за почиста животна средина и за еколошки посвесно општество, „За почиста Македонија“ побара од владата и од МВР да може системот „Безбеден град“ да регистрира фрлање на отпад и отпушок од цигари и за ова да генерира казни. Од оваa група сметаат дека со ова ќе се подобри заштитата на животната средина, бидејќи отпушокот содржи ем токсини, ем микропластика која тешко се разградува.

„Исто така, ова е закана и за јавната безбедност, да не заборавиме дека во Македонија имаме огромен број на пожари во текот на годината. Еден од најчестите причинители е токму фрлениот отпушок од несовесни граѓани. Тој отпушок може многу лесно да ја разгори сувата треба, особено во летниот период.“, вели Марко Џамбазоски „За почиста Македонија“.

Од МВР пак велат дека во овој момент не може да се излезе во пресрет на ова барање.

„Системот Безбеден град во моментов нема технички можности да детектира и регистрира прекршоци како што се фрлање на отпад од возила и фрлање на отпушоци од цигари од возила. Секој предлог или иницијатива која пристигнува во Министерството за внатрешни работи, соодветно се разгледува и анализира од стручните служби во Министерството, по што се носат соодветни решенија односно заклучоци.“, изјави Гоце Андреевски од МВР.

Проектот „Безбеден град“ се очекува да стартува на 1.февруари. По вчерашниот состанок на пратеничките групи на кој телефонски се вклучил и министерот за внатрешни Панче Тошковски биле разјаснети забелешките на ДУИ по што ќе се донесат измените на Законот за прекршоци. И премиерот Христијан Мицкоски вели дека се отворени кон барањето на екологистите, но дека тоа, ако има технички можности ќе се разгледува во иднина. 

„Сега да почнеме. Ајде да почнеме од 1. февруари. Очекуваме да поминат оние фази почетни, кога ќе треба доусогласување, нивелирање и така натаму, коишто ќе траат можеби неколку месеци. Потоа веќе можеме да влеземе во следната фаза.“, рече Мицкоски.

Од „За почиста Македонија“ токму ова го бараат. Во иднина да се прошират можностите на системот.

„Ние бараме да се разгледа можноста за софтверска надградба со што на камерите би им се овозможило да детектираат фрлање на различни предмети и отпад од возилата. Ова, всушност и не е нешто ново. Овој систем постои низ многу европски градови и држави. Така што, технологијата ја имаме и се надавам дека ги можеме да искористиме за добри цели.“, вели Џамбазоски.

Во моментов системот „Безбеден град“ функционира на територија на Скопје, Куманово и Тетово. Опремата е поставена веќе и на Коридорите 8 и 10 и во секој момент се очекува да започне детектирањето на сообраќајните прекршоци и таму. Во текот на 2026 година предвидено е да започне да функционира на цела територија на државата.





TV21

Read Previous

Шкендија ќе игра против турскиот тим Самсунспор во плејоф фазата на УЕФА Конференциската лига

Read Next

Министерот за надворешни работи Муцунски во посета на Македонско-Турската стопанска комора