January 13, 2026

Таксистите во Грција започнаа 48-часовен штрајк


Грција се соочи со целосна блокада на такси-превозот ова утро. Таксистите од целата земја, организирани преку своите синдикати, започнаа 48-часовен штрајк, кој ќе трае до четврток наутро. Двете најголеми метрополи, Атина и Солун, исто така остануваат без такси-превоз, а во рамки на протестот се најавени и масовни демонстрации.

Според соопштението на Грчката федерација на такси превозници, доколку нивните барања не бидат разгледани, штрајкот може да се продолжи. Главниот спор со Министерството за транспорт се однесува на планот за задолжителна електрификација на сите такси возила во Атина и Солун, кој треба да стапи на сила од 1 јануари. Министерството нуди минимални исклучоци, додека возачите инсистираат на продолжување на рокот додека се создадат услови за постепен премин кон електрични возила.

Покрај тоа, таксистите ги истакнуваат и следните проблеми: потребата од заштита на конкуренцијата, дозвола сите такси возила да користат специјални автобуски ленти, бесплатни простори за чекање и паркирање на аеродроми, пристаништа и станици, финансиска поддршка преку субвенции за гориво и материјали, како и вклучување во европските програми и создавање на модерен правилник за работа на такси-службите.

„Секторот со години е изложен на неправедни практики од политичкиот систем, особено од 2011 година наваму, што сериозно го поткопува функционирањето на такси-превозот“, посочија од Федерацијата.

Во рамките на штрајкот во Атина и Солун се планирани и протести, а доколку синдикатите не одлучат за продолжување, превозот со такси ќе биде запрен до четврток наутро, точно до 6 часот.

Bulevar

Read Previous

УЈП со важни информации за граѓаните

Read Next

Одложено судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“