Поради пад на температурите и замрзнување на коловозите, во изминатото деноноќие (02/03.01.2025) беа регистрирани бројни проблеми во сообраќајот во северозападниот дел на државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од ПС за ВПС Тетово се пријавени четири сообраќајни незгоди со материјална штета, од кои две на автопатот Тетово–Гостивар, вклучително и една верижна незгода со 10 возила, како и по една незгода на локалниот пат Пирок–Боговиње и на патот Тетово–село Требош. Од БПС Гостивар се евидентирани вкупно 15 сообраќајни незгоди, од кои на 10 е извршен увид, додека за пет не е побаран поради договор меѓу страните.
Граѓани од Тетово, Гостивар и околните населени места пријавувале замрзнати споредни и локални улици. Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово стапил во контакт со општините Тетово, Гостивар и Желино, од каде било потврдено дека се ангажирани фирми за зимско одржување и дека се врши посолување по приоритети.
Во Гостивар, поради недоделен тендер, имало отежнато ангажирање на фирма, но проблемот бил надминат со доброволна интервенција на „Магнум Транс“. Пријави имало од повеќе населби и села во гостиварскиот и тетовскиот регион, по што биле преземени соодветни мерки, а во Тетово бил активиран и Кризниот штаб.
Од „Македонија пат“ информираат дека екипите од Тетово, Попова Шапка и Гостивар континуирано интервенираат на автопатите и регионалните патишта. Поради снежни врнежи, на правецот Лисец–Попова Шапка е воведена задолжителна зимска опрема.
По 22:30 часот не се евидентирани нови пријави. Од ЦУК апелираат возачите да бидат особено внимателни, да ја прилагодат брзината и задолжително да користат зимска опрема.
TV21


