December 27, 2025

Косово утре оди на вонредни парламентарни избори

Република Косово е подготвена утре, 28 декември 2025 година, да гласа на вонредни парламентарни избори, по политичката криза што трае со месеци и поради недостигот од единство меѓу политичките претставници за формирање влада по последните избори одржани на 9 февруари 2025 година.

Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК), во избирачкиот список за овие избори има 2.076.290 регистрирани гласачи. Бројот на граѓани со право на глас на гласачките места во Косово изнесува 1.999.205, а бројот на граѓани регистрирани за гласање надвор од Косово е 77.085.

ЦИК има подготвено 948 гласачки центри во земјата, како и гласачки места во повеќе од 20 земји надвор од Косово, вклучително амбасади и конзулати, со цел да им се олесни пристапот на гласачите во дијаспората до изборниот процес.

За утрешните вонредни избори се сертифицирани вкупно 23 политички субјекти, меѓу кои 18 политички партии, три предизборни коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.

Во трката за пратенички места во Собранието на Косово, ЦИК сертифицира вкупно 1.146 кандидати за пратеници од сите политички субјекти што учествуваат на изборите. Собранието на Косово има 120 пратенички места, од кои 61 мандат го обезбедуваат потребното мнозинство за формирање влада.

Што се однесува до изборната кампања, главните политички партии се фокусираа претежно на теми поврзани со економијата, образованието, безбедноста и европската интеграција.

– Изборите беа распишани кон крајот на ноември по недостиг на политичко единство за формирање влада

Иако нема официјални конечни јавни анкети, вниманието е насочено кон резултатите на Движењето Самоопределување, Демократската партија на Косово (ПДК) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), три најголеми политички субјекти.

На последните редовни избори, одржани на 9 февруари 2025 година, Движењето Самоопределување излезе како најголема партија со околу 42 отсто од гласовите и 48 пратенички места, но без потребното мнозинство за формирање влада, што доведе до политичка криза.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, ги распиша вонредните избори кон крајот на ноември, поради недостиг на политичко единство за создавање стабилна влада што би добила доволна поддршка во Собранието на Косово.

И на овие избори граѓаните ќе имаат можност да гласаат за еден политички субјект и до десет кандидати за пратеници, во согласност со последните законски измени во изборниот процес.

Read Previous

АЕК за 2026 година очекува ставање во функција на телекомуникациската кула на Водно и влез на трет мобилен оператор

Read Next

За 20 години ТИКА реализираше повеќе од 1.300 развојни проекти во Северна Македонија