December 24, 2025

Владата ќе набави 100 нови амбулантни возила за здравствените установи низ државата

Министерот за здравство, Азир Алиу во објава на Фејсбук сподели дека на вчерашната седница на Владата, донеле две важни одлуки за кои вели дека директно го подобрувале функционирањето на јавното здравство во државата.

Една од двете големи одлуки е набавка на 100 нови амбулантни возила, со медицинска опрема за потребите на јавните здравствени установи низ државата.

„Со оваа одлука обезбедуваме средства за набавка на 100 нови амбулантни возила, со вкупна вредност од 461.250.000 денари, со преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години. Ова ќе значи побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, подобра покриеност во урбаните и во руралните средини“, истакна Алиу.

Другата важна одлука, како што посочи во објавата, е продолжување на постапката за решавање на проблемот со паркингот во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

„Земјиштето на паркинг просторот ќе се запише во сопственост на Република Северна Македонија, со што се отстранува административната пречка за потпишување на договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“. Со овој договор ќе се овозможи модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, но и воспоставување ред. Предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Целта која ќе ја постигнеме ќе биде пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“, посочи министерот за здравство.





Skopjeinfo

Read Previous

Владата на Црна Гора ги укина визите за граѓаните на Турција

Read Next

Албанија опремена со противоклопен ракетен систем „Џавелин“