На 75. седница на Собранието денеска на дневен ред е и изборот на новите министри за европски прашања и животна средина и просторно планирање.
Прва точка на дневниот ред е разрешување на Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања. За нов вицепремиер и министер за европски прашања е предложен сегашниот пратеник и поранешен министер за здравство, Беким Сали.
Изборот на новите членови во Владата дојде по локалните избори, откако тогашниот министер за жиовтна средина и просторно планирање Изет Меџити стана градоначалник на Чаир. За нов министер за животна средина од Владата е предложен Муамет Хоџа, поранешен владин портпарол.
На дневен ред се и Предлогот за именување на неизвршен член на Народната банка на Република Северна Македонија, Предлогот на законот за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија, Предлогот на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија-Транспорт АД Скопје, по скратена постапка, Предлогот на законот за изменување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, по скратена постапка и Предлогот на законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка.
Пред пратениците се и неколку предлог-одлуки за одобрување на годишни програми на неколку институции – Предлог – одлуката за oдобрување на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2026 година и Предлог-одлуката за одобрување на Годишната програма за работа и развој за 2026 година на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор и Ревидираната фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2026-2030 година.
TV21

