Северна Македонија и Република Турција потпишаа нов Протокол за правилата за потекло на производи, кој е составен дел од Договорот за слободна трговија меѓу двете земји. Протоколот беше потпишан денеска, во присуство на амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија, Фатих Улусој.
Со новиот Протокол, правилата за потекло на производите се усогласуваат со Паневро-медитеранската конвенција, со што се создаваат подобри услови за трговија, се зголемува конкурентноста и се поедноставуваат извозните процедури, особено за македонските компании.
Новите правила овозможуваат дијагонална кумулација на потеклото на компонентите, суровините и репроматеријалите што компаниите ги користат во процесот на производство на готови производи. На овој начин, извозот на производи наменети за пазарите на двете земји ќе се реализира поедноставно и поефикасно.
Очекувањата се дека имплементацијата на Протоколот ќе придонесе кон зголемување на трговската размена, олеснување на извозот и понатамошно зајакнување на економските односи меѓу Северна Македонија и Турција.



