Во Албанија опозицијата продолжува да организира антивладини протести, најновиот се одржа денес со учество на стотици граѓани.
Протестот беше организиран од Демократската партија (ДП) пред седиштето на премиерот на Албанија, во Тирана, според ДП, против случаите на корупција на високи функционери.
Стотици граѓани протестираа барајќи оставка од премиерот Еди Рама и вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку.
За време на својот говор на протестот, лидерот на ДП, Сали Бериша, нагласи дека им ја претставиле на Албанците „најодличната програма што некогаш ја имаат претставено“.
„Вечерва се собираме да им објавиме на сите Албанци дека ДП ја започнува својата последна битка за победа на опозицијата, за победа на Албанците. Ова е време за храбрите. Ова е време за жртвување. Ние сме решени да се жртвуваме. Решителни сме затоа што сме во право“, рече Бериша.
За време на протестот, говори одржаа и пратеници на ДП и поддржувачи на опозицијата.
Пред протестот на ДП, полицијата се судри со неколку активисти и поддржувачи на движењето „Албанија станува“, кои веќе неколку дена протестираат пред Кабинетот на албанскиот премиер.
Според ДП, на опозицијата ѝ е одземено правото на глас во Парламентот во последниот месец, а протестот се одржува и против случаите на корупција во кои се вклучени високи функционери и против негирањето на правата на опозицијата.
Во последните недели во Албанија беа организирани неколку антивладини протести.


