December 16, 2025

Македонците кои живеат во странство во 2024 година испратиле во земјава 310 милиони евра

Македонците кои живеат во странство минатата година испратиле во земјава 310 милиони евра, што претставува околу 2 проценти од БДП. Иако Македонија остварува суфицит, во апсолутни бројки личните дотации од странство бележат пад во последните години – 319 милиони евра во 2023 и 331 милион евра во 2022 година.

Од земјите во регионот, најголеми дотации лани испратила дијаспората на Србија, со 4,47 милијарди евра, потоа следуваат Босна и Херцеговина со 1,99 милијарди, Косово со 1,32 милијарди, Албанија со 1,28 милијарди и Црна Гора со 345 милиони евра.

Според податоците на Евростат, во 2024 година девет земји членки на ЕУ оствариле суфицит кај личните трансфери, меѓу кои Хрватска (2,6% од БДП), Бугарија (1,3%) и Португалија (1,2%). На спротивната страна, најголеми дефицити забележале Малта (-2,8%), Кипар (-0,9%), Белгија (-0,6%), како и Грција, Шпанија и Франција (по -0,5% од БДП).

Личните трансфери испратени од жители на ЕУ кон лица кои не се жители на Унијата лани изнесуваат 52,1 милијарди евра, што е зголемување од 6% во споредба со 2023 година, кога изнесувале 49,2 милијарди евра. Прилевот на лични трансфери кон домаќинствата во ЕУ достигнал 14,8 милијарди евра, што е зголемување од 7% на годишно ниво.

Во последните пет години е забележан значителен раст на одливот на лични трансфери, кој се зголемил за 51%, додека приливот расне побавно, за 26%. Како резултат на тоа, негативното салдо на ЕУ во однос на земјите кои не се членки на Унијата се проширило и во 2024 година достигнало 37,3 милијарди евра.

Read Previous

Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал

Read Next

Во Албанија се одржа антивладин протест