Жителите на Белград кои утрово тргнале на работа со воз, повторно биле спречени да патуваат, бидејќи железничкиот сообраќај е во целосен прекин веќе четврти ден по ред. На станиците на „Беовоз“ биле залепени рачно напишани известувања дека возовите не сообраќаат до понатамошно известување, а патниците биле упатени да ги следат официјалните објави на интернет-страницата на „Србијавоз“.
Последното соопштение на ова јавно претпријатие е објавено на 31 октомври, кога возовите ненадејно запреле, а продажбата на билети била стопирана. Телефонската линија на кол-центарот е постојано зафатена, а граѓаните изразуваат незадоволство и револт поради недостаток на информации и поради тоа што средствата за веќе купените билети сè уште не им се вратени.
Од „Србијавоз“ подоцна соопштија дека причината за прекинот на сообраќајот се дојави за поставени експлозивни направи на сите пруги и во сите возови во земјата. Иако слични случаи биле регистрирани и во март и јуни годинава – токму во периодите на големи јавни собири и протести – ниту еден сторител досега не е откриен.
Овојпат граѓаните го поврзуваат инцидентот со големиот комеморативен собир во Нови Сад, одржан на 1 ноември, на кој присуствувале повеќе од сто илјади луѓе. Истражните органи сè уште го утврдуваат потеклото на дојавите, а засега нема официјални информации кога железничкиот сообраќај ќе биде повторно воспоставен.
TRN


