October 17, 2025

МВР со дронови ќе ги „чува“ избирачките места

Полицијата в недела со мобилни тимови и дронови ќе се грижи за безбедноста на избирачките места за време на локалните избори во Македонија. На 19 октомври, на денот на одржување на првиот круг од локалните избори, во близина на избирачките места и на клучните сообраќајни точки ќе има полициско присуство со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир.

„Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално-технички средства, мобилни тимови и пунктови, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање соодветни мерки и активности во случај на инциденти“, велат од МВР.

Апел за мирни избори

МВР апелира граѓаните и политичките партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници, повикувајќи ги на воздржаност од какви било активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.

Денеска е последниот ден од изборната кампања пред одржувањето на првиот круг на претстојните локални избори. На полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до завршувањето на изборите. 

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Од понеделник 20 октомври ќе почне кампања за оние општини каде што нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг.

Гласачко ливче од пола метар

Државната изборна комисија од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола веќе дистрибуираше 4.613.438 гласачки ливчиња за локалните избори, а најдолгото ливче е 500 милиметри или половина метар. Гласачките ливчиња се со двојна видлива и невидлива заштита.

Според податоците од Избирачки список, право на глас имаат 1.832.415 избирачи. Право на глас имаат 112 000 избирачи коишто се на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи во притвор или издржуваат затворска казна и 450 избирачи од домовите за стари лица. Во земјата има 3.480 избирачки места, во кои во 13 има помалку од 10 гласачи. В недела ќе бидат отворени 3.474 избирачки места, бидејќи во шест избирачки места нема население. 






DW

Read Previous

Припадниците на Командата за операции го одбележаа 17 Октомври – Денот на единицата

Read Next

МОН и УЈП ќе ја унапредуваат финансиската едукација во училиштата