October 15, 2025

Сиљановска – Давкова: Словачка е долгогодишен и доверлив поддржувач на европската интеграција на Северна Македонијa

Претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини, денес престојува во официјална посета на Северна Македонија, при што оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Словачкиот претседател беше пречекан со највисоки државни и воени почести, по што следуваше тет-а-тет средба со претседателката Сиљановска-Давкова и пленарен состанок на двете делегации.

Во рамките на посетата министрите за надворешни работи и економија од двете земји, Тимчо Муцунски и Владимир Шимоњак, потпишаа Меморандум за соработка во областа на економијата, со што се очекува да се отворат нови можности за инвестиции и бизнис-партнерства.

По потпишувањето следуваше заедничка прес-конференција на двајцата претседатели.

Претседателката Сиљановска-Давкова го оцени меморандумот како важен чекор кон проширување на економската соработка и отворање нови можности за проекти и инвестиции.

„Очекувам нови проекти и партнерства меѓу бизнисите од двете земји“, рече таа.

Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека Словачка е долгогодишен и доверлив поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, активна не само преку Вишеградската група туку и во рамките на иницијативата „Пријатели на Западен Балкан“.

Таа нагласи дека заедно со словачкиот колега го дели ставот дека Европската Унија треба да се темели на Копенхашките критериуми, засновано врз заслуги и резултати, без ирaционални политички условувања.

Сиљановска-Давкова додаде дека надворешната и безбедносната политика на Северна Македонија е во целосна согласност со ЕУ и дека земјата активно придонесува за колективната и регионалната безбедност.

„Безбедноста на регионот е наша безбедност. Потребни се поголема соработка, доверба и солидарност не само во ЕУ и НАТО туку и во рамките на Обединетите нации“, рече таа.

Средбата на двајцата претседатели ги потврдува одличната билатерална соработка и заедничката волја за продлабочување на партнерството во иднина.

Read Previous

Почина Владимир Блажев – Панчо од дуото „ДНК“, 63. жртва од пожарот во Кочани

Read Next

Локалните избори ќе ги следат 1.341 набљудувач – ДИК почна со достава на изборен материјал до општинските комисии