October 14, 2025

Од утре официјално почнува грејната сезона

Од 15 октомври, официјално почнува грејната сезона 2025/2026 година за сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ. Преку системот се греат околу 66 000 активни потрошувачи, од кои 65 000 домаќинства и над 1 000 деловни потрошувачи, во кои се вклучени болници, здравствени домови, средни и основни училишта и детски градинки, соопштија денеска од ЕСМ Снабдување со топлина.

„Испораката на топлинска енергија ќе се одвива секојдневно согласно строго утврдените правила и дијаграми што зависат од атмосферските услови и надворешните температури. Според правилата, во месец октомври и првата половина од ноември, кога временските услови често се менуваат, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот, односно кога температурите се пониски, испораката на топлинска енергија се зголемува, а кога се повисоки, се намалува. При точно утврдени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, испораката на топлинската енергија се прекинува, односно системот се исклучува. Веднаш по падот на температурите под утврдените гранични вредности, централното греење повторно се вклучува. Со ваквиот начин на регулирана испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на потрошувачите“, се вели во соопштението.

Воедно од таму ја информираат јавноста дека систем операторот за пренос на гас НОМАГАС најави дека оваа година поради ремонтни активности на регионалните транспортни системи за пренос на природен гас и гасоводот „Турски тек“ се очекува од 13 до 17 октомври да има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.

„Очекуваме расположливите количини на гас во преносниот систем да бидат доволни за обезбедување квалитетна испорака на топлинска енергија, согласно надворешните температурни услови. Сепак, доколку во преносниот гасоводен систем со кој управува НОМАГАС не се обезбедат соодветни количини, можни се незначителни редукции на испораката на топлинска енергија кои нема значително да влијаат на комфорот на потрошувачите, и тоа само во периодот од 15 до 17 октомври. Повторно апелираме до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона. Потрошувачите и заедниците на сопственици е потребно да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платен сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација). Во делови од градот каде се врши санација на дефекти на топлификациската мрежа, истите навремено се објавуваат на веб страницата ЕСМ Снабдување, велат од ЕСМ.

Skopjeinfo

Read Previous

Македонија освои само бод против Казахстан, директниот пласман на Мундијалот е веќе недостижен