September 24, 2025

Косово: Граѓаните против ветувањето за забрана на бурката од кандидатот за Општина Урошевац

Независниот кандидат на локалните избори за Општина Урошевац, Башким Фазлиу, предизвика реакции кај граѓаните и познавачите на човековите права, бидејќи како главно изборно ветување, доколку победи, рече дека ќе ја забрани употребата на исламската верска облека позната како бурка.

Фазлиу, покрај што ја спомена бурката, ги спореди жените кои ја носат со „нинџи“ (филмски ликови), велејќи дека неговата победа ќе го направи Урошевац „град без нинџи“.

Граѓаните на Општина Урошевац (Феризај) изразија негодување за неговите изјави и ветувања.

Голем дел од нив, кои не сакаа да зборуваат пред камера, велат дека оваа изјава не е во согласност со реалните проблеми на општината, која се соочува со сериозни предизвици, додека бурката не е реална пречка, туку индивидуално право.

– „Бурката не е вистинскиот проблем на нашата општина“ –

Руфки Халити, кој живее во едно од селата во Општина Урошевац, рече дека градоначалникот треба да се фокусира на развојот на градот, особено на економски план.

Тој истакна дека многу негови соселани го напуштиле Косово и емигрирале во европските земји поради недостаток на перспектива и дека претставувањето на бурката како изборно ветување не е исправно.

„Ова е мал проблем. Носењето бурка никој не може да го забрани ниту нареди. Вистинскиот проблем на граѓаните е вработувањето, бидејќи нема фабрики, нема работни места, луѓето се иселија, настана криза. Јас живеам со уште четворица членови од семејството со 140 евра, иако имам работено 36 години“, рече Халити за Анадолу.

И Шукри Адеми од Урошевац вели дека кандидатот за градоначалник не може да забрани носење на верска облека.

Тој додава дека секојдневните проблеми на градот се различни – од вода и струја, до сообраќај и високите згради.

„Тој не може да го забрани тоа. Секој има свој пат. Исламската вера има свои елементи, православната исто така. Дали сте забележале дека во Феризај (Урошевац) има повеќе автомобили отколку луѓе? Градот е претворен во бетонска џунгла со згради од по 10-15 ката“, рече Адеми.

– Јашари: Уставот на Косово во поглавјето за човекови права предвидува дека секој има право да ја практикува својата вера, вклучувајќи го и облекувањето –

Адвокатот Арбер Јашари вели дека изјавата и ветувањето на кандидатот за Општина Урошевац претставуваат погрешен пристап кој не е во склад со политиките и надлежностите на еден општински службеник.

„Ова можеби е обид на кандидатот да изгледа интересно и да добие внимание во текот на кампањата. Но, според мене, тоа е целосно погрешно, бидејќи Уставот на Република Косово, во делот за човековите права, вели дека секој има право да ја практикува својата вера, што го вклучува и начинот на облекување и однесување во општеството“, истакна Јашари.

Според него, ова прашање не припаѓа на локално ниво, туку се регулира преку закон на централно ниво.
„Феризај (Урошевац) е град во Република Косово. Косово има единствен систем, не е федерален или конфедерален систем каде што општина или кантон може да води политики од ваков ранг или да донесе закони што му ускратуваат право на некого. Овие работи се регулираат со закони и мора да минат низ Парламентот на Косово“, рече Јашари.

Иако според последниот попис, Косово има население со над 93 % муслимани, многу мал дел од нив носат верска исламска облека, како марама, а уште помал е бројот на оние што носат бурка.

Многу често во Косово тема на дискусија е и носењето марама во јавните образовни институции, каде што сè уште е забрането со административна уредба од Министерството за образование, наука и технологија.

Read Previous

Вчера 644 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода пет лица поради безобзирно управување со возило