September 22, 2025

Граѓаните со писмо до Сиљановска: Македонија јавно и веднаш да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ и да ја признае Палестина

Во пресрет на Генералната дебата при 80-то Генерално собрание на Обединетите нации, која ќе започне во вторник, 23 септември 2025, иницијативата „Сите за Палестина“ испрати писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, барајќи нејзините излагања и гласања да бидат согласни со вредностите и историјата на народот во Македонија.

-Оваа година, темата на Генералната дебата е „Подобри заедно: Повеќе од 80 години за мир, развој и човекови права“. Во Вашата видео-порака  по повод 80 годишнината од основањето на Обединетите нации, Вие истакнавте: „Оваа 80 годишнина е повик за будење за да ја потврдиме нашата посветеност на Повелбата на ОН и нејзиниот меѓународен поредок заснован на правила. Од нас зависи дали ОН ќе се справат со предизвиците и ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здрава планета.“

Точно, од нас зависи! Но, како придонесувате Вие и останатите претставници на нашата држава кон градење мир, правда и напредок на здрава планета? Македонија гласа воздржано за клучни прашања поврзани со најголемото злосторство на денешницата, геноцидот и екоцидот кој Израел веќе две години, активно и секојдневно, го врши врз палестинското население во Газа. За каков мир, правда и напредок на здрава планета
зборуваме, кога Македонија ни симболички нема изразено солидарност и поддршка со народ кој трпи геноцид, кој целиот свет го следи преку малите екрани? Како може да спиете мирно продолжувајќи ја економската и политичката соработка со геноциден ентитет како што е Израел, прашуваат од Иницијативата.

Велат дека зборовите се празни доколку не се проследени со конкретни чекори. Зборовите се опасни доколку дејствуваме сосем спротивно од нивното значење.

-Како ги оправдувате своите постапки? Како народна иницијатива која веќе две години се залага за Македонија да покаже солидарност со палестинскиот народ, Ве потсетуваме дека во ОН гласате во името на граѓаните. Затоа, бараме:

● Македонија јавно и веднаш да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ и да ја признае Палестина;
● Итно да се побара прекин на огнот и влез на хуманитарна помош во Газа што не е дистрибуирана од Израел;
● Македонија да почне да гласа ЗА солидарност со палестинскиот народ на сите понатамошни гласања на ОН;
● Да се воведат санкции кон Израел, да престанеме да го признаваме Израел, веднаш да се престане со трговијата со Израел и да се сопре секаква културна, образовна и спортска соработка со Израел;
● Да се врати надворешната политика во рацете на народот во духот на солидарност, а не во духот на личен профит, додаваат од Иницијативата.

-За крај, Ве потсетуваме дека токму на ова Генерално собрание, во октомври 1963 година, Скопје го доби називот „градот на светската солидарност“. Каде е „градот на светската солидарност“ сега? Како претседателка на државата, оправдајте го овој назив! Тоа е вашата историска должност, велат од Иницијативата „Сите за Палестина“.






InfoMax

Read Previous

Силен земјотрес утрово на краците во Грција почувствуван и во Македонија

Read Next

Четири активни пожари во државата, два од пожарите се во Скопје