August 12, 2025

Пожарите во Црна Гора продолжуваат, побарана е меѓународна помош

Црна Гора сè уште се бори со пожари што пламтат на неколку локации, а еден од нив се приближи кон главниот град поради што сообраќајот на патот Подгорица-Цетиње е запрен за одреден период.

Освен во Подгорица, пожари избувнаа и во Никшиќ, Бијело Поље, Чањ и Буљарица. Најкритична e состојбата во Буљарица и Чањ, а во Подгорица најтешко e во Пипери, Смоковац, Какарицка Гора и Долјани, пренесe порталот РТЦГ.

„Моментно се одбранети сите објекти што синоќа беа загрозени“, изјави генералниот директор на Директоратот за заштита и спасување Миодраг Бешовиќ.

Тој додаде дека пожарникарите од Тиват, Котор, Херцег Нови, Даниловград, Цетиње, Беране, Жабљак, Плевља и Бијело Поље пристигнале во Подгорица, а дека гаснењето на пожарот го отежнуваат силните ветрови што, според прогнозите, ќе продолжат и денес.

Утринава граѓаните во Пипери немаат вода и електрична енергија.

Црна Гора ги ангажираше сите расположливи ресурси за гаснење на пожарите, при што припадници на службите за заштита и спасување, воздухопловните и хеликоптерските единици, Армијата на Црна Гора, локалните комунални претпријатија и граѓаните работат на терен дење и ноќе.

Побарана е помош и од соседните земји, како и меѓународна помош за гаснење на пожарите од воздух.

„Моментно активни се пожарите во општините Подгорица, Будва, Бар, Никшиќ, Шавник и Бијело Поље. Сите расположливи единици на Службата за заштита и спасување, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Црна Гора, како и доброволни противпожарни друштва се ангажирани во нивното гаснење“, се наведува во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи, во кое се бара меѓународна помош за гаснење на шумските пожари од воздух.

Read Previous

Халкбанк со донација на компјутерска опрема за училиштата и институциите

Read Next

23,7 отсто од младите во земјава ниту учат, ниту работат