
Поминаа законските измени во Собранието со кои околу 345.000 пензионери во земјава ќе добијат линеарно покачување на пензиите од 2.000 денари, илјадарка за септември и уште една илјадарка во март. Но, пензиите ги скараа власта и опозицијата. Паднаа обвинувања кој краде од пензионерите и кој повеќе им дал додека бил на власт.
Според премиерот Мицкоски за 18 месеци за четири пати повеќе се зголемени пензиите од колку што за седум години ги зголеми владата на СДСМ.
„Со овие нови 2.000 денари зголемување линеарно, ако се додадат и оние претходните 5.000, тогаш за 18 месеци имаме линеарно зголемување на пензиите за 7.000 денари. Ако се спореди ова зголемување со зголемувањата во минатото, тогаш доаѓаме до заклучок дека неколкукратно се зголемени пензиите за пензионерите“, вели Христијан Мицкоски.
Ова не е „повисока пензија“, ова е историска измама и пресметан грабеж- 318.000 пензионери се оштетени- обвини СДСМ.
„Над 318.000 луѓе – се оштетени и ќе добијат помали пензии отколку што реално им следува и заслужиле. Некои помали дури и за 2.000 денари, некои помали и за 4.000 денари. Ете толку им краде владата на пензионерите во септември и март“, вели Јована Тренчевска.
Тренчевска потенцираше дека во периодот од февруари 2022 до мај 2024 година, благодарение на Методологијата што ја донела Владата на СДСМ, пензиите пораснале за 29,7%.
Од пензионерските здруженија беа поделени во ставот дали покачувањето да биде линеарно или процентуално согласно методологијата. Првото покачување пензионерите ќе го добијат со исплатата на септемвриската пензија, а второто со исплатата на пензијата за март.
TV21