
Учениците кои ќе завршат средно исламско верско училиште – медреса „Иса Беј“ во Скопје, наесен ќе бидат изедначени со сите гимназиски ученици во земјава и со таа диплома ќе можат да се запишуваат на универзитетите.
Ова доаѓа откако Владата го усвои предлог-законот за средните училишта на верските заедници. По неговото усвојување во Собранието, оваа медреса ќе добие јасен правен статус.
За да се одбележи ова значајно достигнување кое медресета го чекаше цели 40 години, во посета беа лидерите на ВЛЕН, кои се сретнаа со раководството на училиштето и со поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху.
„Затоа, денешниот ден и усвојувањето на овој закон во Владата на РСМ го дефиниравме како историски настан, бидејќи нашите напори во изминатите над 4 децении конечно се реализираа. Сега, медресета и нејзините ученици се изедначени со сите ученици од средните училишта во државата.“, вели Шаќир Фетаху.
Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека со ова се отстранува една форма на дискриминација, бидејќи досега дипломите од медресета не се признаваа при запишување на факултети.
„Во разговори сме и со претседателот на Собранието, г. Гаши, овој закон да се стави како приоритет, за пред летниот одмор или од септември медресета да започне со работа на официјален и легален начин. Тоа ќе придонесе за зголемен интерес, поголем број ученици и поквалитетно образование, бидејќи веќе нема да трошиме енергија на акредитации и државни испити, туку ќе се фокусираме на квалитетот.“, порача Изет Меџити.
Но, што ќе се случи со учениците кои веќе дипломирале, а нивната диплома не е признаена од Министерството за образование?
„Ако проблем е дипломата од средното образование, и тие ќе имаат право ретроактивно да го решат проблемот.“, вели Зекирија Ибрахими.
Освен медресета, еднаков третман ќе има и средното училиште на православната црква.
TV21