
Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на поставувањето на камен темелникот за новиот ветерен парк на компанијата „Алказар Енерџи“, при што порача дека оваа инвестиција од половина милијарда долари е доказ дека Северна Македонија се движи во вистинска насока.
„Ова е исполнување на едно ветување дадено пред нешто повеќе од една година. Оваа инвестиција ќе обезбеди годишно производство од 1 терават час електрична енергија и е модел по кој треба да се движиме во иднина“, рече Мицкоски, додавајќи дека крајот на 2024 година бил историски со над една милијарда евра странски директни инвестиции.
Тој потенцираше дека Владата е фокусирана на економскиот развој и дека првичните индикатори за 2025 година се позитивни. „Извозот на земјоделски производи е зголемен за 57% во првите пет месеци, а Македонија е осма дестинација во светот по раст на туризам според ОН. Очекуваме раст на БДП од 4 до 6% во вториот квартал“, рече Мицкоски.
Во однос на борбата против корупцијата, премиерот посочи дека меѓународната институција ГРЕКО ја оцени Владата со највисока оцена за антикорупциските напори – што, како што рече, е доказ за враќање на довербата кај инвеститорите.
Во завршниот дел од обраќањето, Мицкоски се заблагодари на сите институции, општините Штип, Радовиш и Карбинци, како и на Машинскиот факултет, којшто имал клучна улога во проектирањето на проектот.
„Ова е македонски производ од почеток до крај. Да ни е со среќа оваа инвестиција и нека се множат многу вакви“, заврши премиерот.
TV21