July 8, 2025

Започна „Марш на мирот“: Илјадници луѓе им оддаваат почит на жртвите од геноцидот во Сребреница

 Утринава повеќе од 6.000 луѓе тргнаа од Незук кон Поточари за да им оддадат почит на илјадници убиени мажи и момчиња во геноцидот во Сребреница во јули 1995 година.

Наредните три дена тие ќе ја следат маршрутата по која пред 30 години сребреничани се обидувале да стигнат до слободна територија, Тузла или Кладањ. Преживеаните од геноцидот во Сребреница и оваа година беа на чело на колоната на „Марш на мирот“.

Се очекува учесниците на „Марш на мирот“ да пристигнат во Поточари на 10 јули, а следниот ден да присуствуваат на колективниот погреб на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, каде што годинава ќе бидат погребани останките на уште седум жртви во геноцидот.

„Марш на мирот“ се организира 21. пат како дел од одбележувањето на 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во „Безбедносната зона на Обединетите нации“ во Сребреница.

За преживеаните од Сребреница тој претставува еден вид лекување од траума, но и обврска да им ги раскажат и пренесат своите искуства и приказни на помладите генерации.

На годинашниот „Марш на мирот“ пристигнаа повеќе од 130 луѓе од Босанска Крупа.

Меѓу нив е и Адемир Месиќ, кој 14. пат учествува на „Марш на мирот“.

„Најтешко е секоја година да се оди по патот што овие луѓе го поминувале секоја година и да се слуша низ што поминале“, рече тој, наведувајќи дека она што се слуша на предавањата за геноцидот во Сребреница не е исто како да се помине низ сите подрачја низ кои тие се движеле.

„Поинаку е да се слушаат сведоштвата на преживеаните“, рече тој.

Неговата порака е „да не се повтори“, иако во Газа моментно се случува геноцид.

„Она што се случува во Газа е полошо од она што се случувало тука. Една Сребреница очигледно не му беше доволна на светот. Може само да апелираме тоа да престане“, додаде тој.

Голем број млади луѓе учествуваат на „Марш на мирот“, а еден од нив е 16-годишниот Един Ѓогаз од Тузла.

„Вторпат сум на ‘Марш на мирот’. Минатата година најтешко ми беше на Каменичко Брдо“, рече тој.

На „Марш на мирот“ вторпат е и 17-годишната Ајна Трапо од Травник.

„Драго ми е што сум дел од ‘Марш на мирот’. Тука сме за да им оддадеме почит на убиените и да ја негуваме културата на сеќавање на убиените во геноцидот“, истакна таа.

За неа најтежок дел од маршрутата е третиот ден од пешачењето, кога минуваат покрај злогласната „Буква“, каде што илјадници жители на Сребреница биле убиени во заседа додека се обидувале преку шумите да стигнат до слободна територија.

„Додека се движите по патот по кој поминале убиените, низ глава ви минуваат различни слики и мисли“, додаде таа, велејќи дека „Сребреница никогаш не треба да се заборави или повтори“.

Хана Малкиќ (17) првпат е на „Марш на мирот“, иако подолго време посакува да биде дел од него.

„Мислам дека ова е најмалку што може да направиме“, рече таа, наведувајќи дека физички е подготвена и дека ќе види како ќе може да се справи со тоа емоционално и психички.

– „Марш на мирот“, комеморативен настан

„Марш на мирот“ е комеморативен настан што се одржува секоја година во јули, со кој се одбележува годишнината од геноцидот врз Бошњаците во „Безбедносната зона на Обединетите нации“ во Сребреница во јули 1995 година.

Тој трае три дена и се пешачи од Незук до Поточари, кои се оддалечени околу стотина километри, при што учесниците дневно минуваат околу 30 километри.

Маршот е организиран со цел да се изгради, унапреди и да се негува културата на сеќавање на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница и да се оневозможи негирање на геноцидот.

– Седум жртви во геноцидот ќе бидат закопани на 11 јули

Посмртните останки на седум жртви во геноцидот во Сребреница, извршен од припадници на Армијата на Република Српска и нивните соучесници во јули 1995 година, се подготвени за колективен погреб на 11 јули во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари.

Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6.765 жртви на геноцидот, а 250 жртви се погребани на локалните гробишта на барање на членовите на семејствата.

Сè уште се трага по повеќе од илјада жртви на геноцидот во Сребреница.

– Злосторства и пресуди

Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и судството во Србија и Хрватска досега осудија вкупно 54 лица на 781 година затвор и пет доживотни затворски казни – за геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година.

Од нив, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг осуди 18 лица за геноцид и други злосторства извршени во Сребреница, со пет доживотни казни и 219 години затвор.

На казна доживотен затвор за геноцидот се осудени Ратко Младиќ, Радован Караџиќ, Здравко Толимир, Вујадин Поповиќ, Љубиша Беара. Радислав Крстиќ и Драго Николиќ беа осудени на 35 години затвор.

За други злосторства во Сребреница МКТЈ осуди 11 лица.

Read Previous

Албанија отвори конзулат во Струга

Read Next

Вчера казнети 902 возачи, 148 од нив немале возачка