
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) на Северна Македонија денес објави соопштение во кое информираше дека вчера била реализирана евакуација на четворица македонски државјани, односно едно семејство (мајка и три деца), со лет од Тел Авив до Атина.
Во соопштението се истакнува дека заклучно со денес, вкупниот број евакуирани македонски државјани изнесува 12 лица, од кои 8 се евакуирани преку Египет со владин авион и четворица преку Атина. Најголемиот дел од евакуираните се деца – седум од вкупно 12 лица.
МНРиНТ истакнува дека во согласност со информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, имајќи го предвид прекинот на огнот што стапи во сила на 24 јуни и стабилизирањето на безбедносната состојба во Израел, државјаните кои првично беа подготвени за итна евакуација, во моментов го одложиле своето заминување. Во исто време, рестрикциите поврзани со конфликтот со Иран се укинати, а училиштата, институциите и продавниците повторно функционираат.
Министерството во соопштението информира дека преку Амбасадата во Тел Авив, останува во редовна комуникација со сите граѓани кои изразиле интерес да го напуштат Израел, доколку повторно се јави потреба, и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста.
Од МНРиНТ истакнуваат дека и понатаму останува во сила препораката да се избегнуваат патувања во земјите од Блискиот Исток.